Клуб за Спортско Стрелаштво ГРИФОН - СКОПЈЕ
 
КСС Грифон
 Соопштенија 
 Настани
 Дисциплини
 Стрелишта
 Тренинзи
 Натпревари
 Членство
 Соработници

 Контакт

 За нас
 Документи
 
MeteoKapistec
Времето во Скопје

Временска Прогноза
















































































































































































































































































































































 

Научно истражувачка работа на КСС ГРИФОН
Тестирање на оружје и муниција

        Одкако помина првиот бран на фасцинација од стрелачката дисциплина Field Target Shooting, следната мисла на членовите на КСС Грифон беше: „Ова не е играчка – со што ќе пукаме?„ ФТ се разликува од класичните спортско - стрелачки дисциплини по еден многу битен детаљ, а тоа е што погодокот не може да биде оценет со преодна вредност. Кај класичните дисциплини, погодокот може да донесе 10 бода, но во случај на промашување, може да донесе 9, 8, 7, па макар и 1 единствен. Во ФТ постои само погодок и промашување. Да се погоди определениот дел на метата со големина од 40 милиметри на растојание од 50 метри со еден единствен дозволен истрел е прашање на ризик - на се или ништо. Точноста и прецизноста се од исклучително значење за успехот во спортот, па членовите на Грифон формираа двочлена комисија во состав Дамјан Богдановски и Емин Кумбараџи која доби задача да изврши истражување и тестирање на трите најбитни технички фактори кои ја диктираат прецизноста и крајната оценка на погодокот: оружјето, муницијата и метите.

О Р У Ж Ј Е

Водени од мотото „Едно оружје за сите прилики – Малку пари – многу музика„ во текот на ноември 2008 година беше извршено испитување на пазарот на пневматско оружје со цел да се изнајде најсоодветното оружје за идните активности. Се бараше воздушна пушка која би ги задоволила следниве критериуми:

-          PCP (Pre-charged pneumatics)

-          Прецизноста да биде на високо ниво

-          По можност да има магазин (шаржер) и да овозможува повеќе испукувања

-          Да има што поголема енергија на проектилот и по можност енергијата да е променлива

-          Проектилот да има стабилна траекторија во различни метеоролошки услови

-          Да овозможи употреба на најмалку 50 метри со прецизност до 1 инч група.

-          Да има висока независнот – т.е. полнењето да трае што подолго

-          Да има добар однос помеѓу цената и перформансите

Во конкуренција се најдоа модели на врвните светски произведувачи меѓу кои: Anschütz, Feinwerkbau, Steyr (LG-110), Weirauch (HW-100), FX Airguns, Air Arms (S400 и S410), Dаystate (Air Woolf со дополнителна MVT електроника) и Walther (LG-300 Dominator).

После долготрајни истражувања на интернет, контакти со фирми и поединци од светот – спортски стрелци, продавачи, сервисери и т.н. конечниот избор падна на моделот FX Airguns Gladiator 7000 DA во калибар 5.5 мм. Пушката ги задоволува сите поставени критериуми:

-          Работи на прекомпримиран воздух. Полнењето е мошне брзо и едноставно и се изведува со едноставно вштекување на адаптерот во резервоарот. При тоа не е потребно одстранување на резервоарот од оружјето. Адаптерот за полнење доаѓа заедно со пушката.

-          Врвната прецизност е резултат на вградената цевка од врвна класа и патентираниот регулатор на притисок. Цевката е од match класа, со стеснет излез (chocked barrel) и слободно е поставена - никаде не допирајќи го кундакот (floating barrel). Произведена е од страна на врвниoт производител на цевки за прецизни оружја Lothar – Walther. Регулаторот овозможува испукување на зрното со приближно иста енергија во дијапазон на притисок во резервоарот од 220 – 150 bar што е најмалку 70 испукувања со полна снага.

Gladiator DA

-          Муницијата се полни од магазин преку рачен самоповратен систем на репетирање сличен на биатлон пушка, што е мошне лесен, брз и сигурен начин на полнење. Секое зрно се поставува во цевката на тој начин што со помош на силата на повратната пружина – евентуално допомогната со силата на стрелецот се врши почетно обликување и жлебење на зрното и негово поставување длабоко после портот за доведување на компримираниот воздух. На тој начин избегнато е компримираниот воздух да го врши жлебењето, бидејќи во таква ситуација, најмала несовршеност на зрното би предизвикувала испукување со различна брзина, а со тоа и непрецизност. Магазинот е ротирачки („буренце„) и собира 8 дијаболи.

-          Пушката е предвидена да испукува само дијаболи кои се од олово или оловна легура. Челичните дијаболи не би можеле да поминат низ „чокираната„ (стеснета на врвот) цевка, а поради високата енергија на пушката, пластичните дијаболи би се топеле. Двата вида дијаболи трајно би ја уништиле цевката, која на оваа пушка е срцето на нејзината висока прецизност.

-          Максималната енергија на проектилот е 45 џули, а може лесно да се намали преку селекторот поставен од левата страна на 30 џули и 20 џули. Со отворање на пушката, можно е да се постават други три вредности, кои можат да бидат уште помали.

-          Калибарот од 5.5 милиметри овозможува употреба на тешки зрна кои пак овозможуваат постабилна траекторија од оние во калибар 4.5 мм при услови на ветер и различна температура и густина на воздухот. Сите врвни производители на муниција за пневматско оружје во својот асортиман имаат квалитетни производи во калибарот 5.5 мм што го прави калибарот пожелен за употреба.

-          FX Gladiator DA е опремен со два резервоари: еден голем во кундакот – 500 ccm и еден помал под цевката – 145 ccm. Двата резервоара се постојано поврзани, а нивниот вкупен капацитет од 645 ccm овозможува барем 100 испукувања со полна енергија од 45 џули или многу повеќе доколку се избере помала енергија.

Недостатоци:

        Кога станува збор за FX Gladiator, тешко е да се зборува за недостатоци. Би било посоодветно ако кажеме дека се работи за нешта, чие задоволување би допринело за правилна и долготрајна употреба на оружјето со врвни резултати и задоволство на стрелецот.

-          Првото на што треба да се обрне внимание е да не не излаже моќниот и помалку застрашувачки изглед на тактичка пушка. Супериорниот дизајн и името Гладијатор не се доказ дека ова оружје може да го подвргнеме на секаква тортура и тешки услови на работа, а притоа неговите перформанси да не бидат засегнати. Покрај тоа што сме се увериле дека и при пад од 1.5 метри директно на бетон пушката ја задржала својата функција и прецизност, сепак не би рекле дека таквата ситуација може да се најде во листата на работи за кои пушката е предвидена. FX Gladiator е нежен и прецизен инструмент, наменет за прецизно гаѓање и како таков треба да биде третиран со особена грижа. Изработен е од лесни материјали – алуминиум и лесни легури од кои се изработуваат и авиони. Цевката е слободна (floating barrel) и осетлива е на механички влијанија. Доволно би било да спомнеме дека само со додавање на придушувач на цевката, кој тежи околу 100 грама, цевката доволно се искривува за на 50 метри погодоците да се спуштат за околу 10 сантиметри. Тоа би значело дека голем притисок на цевката, како и удар би можел да доведе до неточност на погодоците.

-          Второ што за Гладијаторот е добро да го знае секој кој што очекува врвна прецизност е тоа дека пушката е мошне пробирлива кога станува збор за муниција. Сопствениците на првите Гладијатори во Македонија беа мошне зачудени кога очекувајќи прецизност од пола инч на 50 метри, за која видоа и фотографии на форуми на интернет, со претходно користената муниција Gamo Match доживеаја дебакл – со група над 10 инчи. Уште позачудени беа кога користејќи ја муницијата на врвниот произведувач H&N, (чија муниција патем кажано се употребува на олимписките натпревари) половина од осумте испукувања завршија надвор од метата со големина 70х70 цм. На работ на обвинување на своите пушки дека се неисправни, Дамјан и Емин решија да се обидат уште нешто: да се обидат да ги тестираат своите пушки со што повеќе ралични видови дијаболи – од произведувачи од светски ранг!

 

И тогаш работите дојдоа на своето место.

 

М У Н И Ц И Ј А

Набавката на муниција за пневматско оружје во Македонија денес е многу лесна! – си рекоа членовите на нашата комисија. Тоа се должи на два факти:

1)      достапноста на интернетот и раширената интернет продажба;

2)      либерализацијата на пазарот на пневматско оружје во Македонија.

За жал, во пракса се покажа дека само интернетот е факт во Македонија, додека почитувањето на законите од страна на органите кои ги донеле е оставено за некои идни поколенија. Имено, дури и ако при набавката на муниција се потрудите да ги исполните сите одредби од Законот за Оружјето и пропратните подзаконски акти, во локалната царинска испостава може да ви се најде некој уште полокален чауш, кој ќе ви одговори: „Јас не работам по закон – туку по тарифник.„ И ете ти проблем! Тебе како граѓанин на Република Македонија те штитат нејзините проевропски закони и на таа неприкосновена заштита можеш слободно да сметаш на секоја педа на нејзината територија. ... освен на оние неколку педи кои се освоени од страна на припадниците на силите на Царинската Управа или кога станува збор за царинската испостава во Карго Центарот на аеродромот Петровец – Царството на Стојанче и Даниела.

После еден месец држење на дијаболите на царина со наводно образложение дека ни недостасува дозвола за нивен увоз (според законот за оружје за набавка на дијаболи од страна на физичко лице не е предвидено да се бара дозвола туку набавката е дозволена со самиот закон), после безброј преговори со раководители на одделенија и директори во Царинската Управа и после исто толку повици од „незнаени шпедитери„ дека за извесна сума можат да ни ја ослободат пратката со дијаболи, истата беше во нашите раце. Се одлучивме за најевтината варијанта – законски да си ги ослободиме. Додуша, би требало да им се заблагодариме на некои луѓе во Министерството за Внатрешни Работи на Република Македонија кои излегоа во одбрана на законот и ни помогнаа: Секоја им чест и фала им!

Го отворивме пакетот и како деца се радувавме на зрнцата олово. Се сами брендови: Haendler&Natermann (познатиот H&N), JSB, Diana, Air Arms, RWS и секако оригиналните FX од кои впрочем најмногу очекувавме. Имавме и широк спектар на Gamo дијаболи кои ги набавивме од продавниците во Македонија: Тетово, Струга, Охрид и Скопје – во зависност кога и каде ги имаше и по цени кои се разликуваа и до 200%.

Не издржавме ниту на домашна адреса да го примиме пакетот. Од превозникот нарачавме да ни го донесе на стрелиштето Камник. Тестирањето почна веднаш после месец дена!

Денот беше мирен и без ветер – идеални услови за тестирање. Поставивме мета 70х70 сантиметри и нацртавме кругчиња каде што ќе нишаниме. Со оглед дека пушките ги имавме кратко време, нишаните сеуште не ни беа точно „упуцани„. Не ни беше битна точноста туку прецизноста, така да резултатот што се оценуваше беше „најмала група„. Од секој вид на дијабола се испукани 8 парчиња, со енергија на проектил 45 џули, нишанејќи во иста точка.

FX Airguns – 16 grains cal 5.52 mm

Први кои требаа да го пробијат мразот, логично беа дијаболите на произведувачот на пушката. Критиките на интернет ги поставуваа овие дијаболи на самиот врв на прецизноста. Најмалите групи на фотографиите на интернет беа направени токму со овие дијаболи. За жал, добивката е секогаш обратно пропорционална со очекувањата, па тоа се потврди и во овој случај. Не дека FX беа полоши од Gamo – далеку од тоа. Групата изнесуваше 5 сантиметри но беше далеку од очекуваниот резултат: „дупка во дупка„. Сите погодоци беа во круг со дијаметар околу 5 сантиметри, но воглавно не се допираа.

Како што дознавме на интернет, FX Airguns нема свое производство на дијаболи туку за нив ги изработува реномираниот чешки произведувач Josef Shulz Bohumin – JSB.

JSB Exact Jumbo – 16 grains cal 5.52 mm

Следни на тестот беа токму оригиналните дијаболи на JSB, кои по сите пишани параметри би требало да бидат идентични на FX и затоа од нив не очекувавме да бидат и најмалку подобри. НО КАКВО ЧУДО ДРАГИ ГЛЕДАЧИ !!! После испукани 8 дијаболи, резултатот беше вчудоневидувачки: дупка во дупка! Токму тоа што се бараше. Од 8 испукувања – 7 беа во иста дупка. Изземајќи го тој еден flyer – групата беше половина инч. Гладијаторот ги докажа своите способности. Во моментот се разбуди нашиот патриотски дух на Македонци и извикавме еден кон друг полни сеуште со неверување: „И нашите Гладијатори се како и светските.„ Тоа беше голем чекор за нас, а мал за човештвото. JSB не промашуваа. Ваквиот резултат не се повтори со ниту еден друг вид на дијаболи.

Leva Meta

DIANA HIGH POWER 21.14 grains cal 5.52 mm

Па добро... Не баш со ниту еден друг. Diana се покажа како сосема оправдана конкуренција. Ако се изземат flyer-ите, рака на срце Diana направи помала дупка. НО !!! Имаше повеќе флаери. Сосема блиску до групата – но доволно за да се рече дека се работи за неконзистентност. Тоа ја става Diana на за милиметар подалечното второ место.

H&N Field Target Match 16 grain cal 5.54 mm

Кога овие обичниве дадоа така добар резултат, што ли ќе направат дијаболите на најпризнаениот светски произведувач, а особено оние кои се наменети стриктно за Field Target Shooting? – си рековме полни со исчекување. – Катастрофа! Од 8 испукани, 4 дијаболи воопшто не ја погодија метата. Останатите 4 останаа распослани насекаде по метата широка и вискока 70 сантиметри... Комисијата не установи постоење на група, сметајќи дека тоа би било залудно – Таквата група би можела да биде задоволителна само за атомска бомба. ... Добро, ајде барем за кашикара...

Подоцна тестот е повторен со енергија на истрел 20 џули и на помало растојание. Резултатите беа сосема задоволителни иако се покажа како точно дека овие дијаболи не се во состојба да држат стабилна траекторија на долго растојание и особено не доколку се истрелани со голема енергија. Можеби доколку се истрелаат со енергија во рамките на лимитот поставен за Field target – 16 џули, резултатите би биле подобри. Останува да пробаме во иднина.

Air Arms   16 grain   cal. 5.52

Дијаболи кои ниту се прецизни како JSB, ниту се непрецизни како FX - само се најскапи од сите постоечки.

Desna Meta

RWS Superpoint Extra 14.5 grain cal 5.5 mm

Што се однесува до овој вид на дијаболи, не ни е баш ни јасно која е нивната намена. За лов се прелесни и не ја поднесуваат добро големата брзина. Истрелани од FX Gladiator со 45 џули, овие дијаболи се движат по изразена и со голо око видлива спирална траекторија и не покажуваат никаква прецизност. Истрелани со помала енергија, траекторијата е донекаде постабилна, но прашање е дали при такви услови би се остварила експанзија на зрното која би ги задоволила потребите за лов.

 

GAMO Match 14.1 grain cal 5.5 mm

Убедливо број еден дијабола за plinking и други забавни активности, кога прецизноста не е неопходна. Овој вид на дијаболи не се одликуваат со никаква прецизност. Сметаме дека најсоодветното име за нив би било ANTI-MATCH. Постои голема разлика во прецизноста и квалитетот на изработка помеѓу дијаболите пакувани во лимена и оние во картонска кутија. Лименките содржат подобро избрани дијаболи, со повисок квалитет на оловото, подмачкани се и имаат поуниформна градба. Попрецизни се, но и поскапи. Дијаболите во картонска кутија се оксидирани, Имаат очигледни физички недостатоци, понепрецизни се, но имаат рекордно ниска цена од околу 120 денари, а во помалите градови во Македонија сме ги нашле и за 90 денари. Доколку гаѓате во пивски лименки, пластични шишиња и слично, овој вид на дијаболи е одличен избор. Интересно е да се напомне дека Gamo Match се еднакво непрецизни и на 10 и на 50 метри, што укажува дека многу подобро ја поднесуваат далечината и големата енергија на истрел од H&N Field Target Match, чија цена е барем 5 пати повисока, а името многу поизвикано. Ниту останатите GAMO модели како ProMagnum, Hunter, Predator и т.н. не покажаа добра прецизност. Остануваат нивните карактеристики на пенетрација и експанзија, кои можеби се битни за лов, но не и за спортско стрелаштво.

 

GAMO TS-22  22 grain  cal 5.5. mm

Овој нов модел на дијаболи е добар потег на Gamo. Постепениот премин на индустријата на пневматски оружја на PCP и CO2 и развојот на се посилни пневматски оружја условија потреба од тешки дијаболи. Дури и некогашниот вообичаен максимум од 16 grain стана недоволен за новите оружја. Сите произведувачи развија нови модели на тешки и прецизни дијаболи. TS-22 e одговорот на Gamo на тој предизвик. Како и обично – евтини, со цена од 240 денари, од овие дијаболи не би можеле да очекуваме голема прецизност. Но, нивната прецизност е сепак далеку повисока од цената. Не се ниту приближно во рангот на JSB и Diana и не се способни да погодуваат „дупка во дупка„ но сепак прават пристојна група околу 6 – 8 цм на растојание од 50 метри. На 100 метри овие дијаболи ја задржуваат својата стабилна траекторија, што со група од 15 – 20 цм ги прави погодни за тренинг на 100 метри. Фактот и дека на 100 метри овие дијаболи пробиваат даска од 20 мм ги прави погодни за намена каде што е потребна висока пенетрација. На неколку метри, овие дијаболи пробиваат лим од кола. Од аспект на спортско стрелаштво овие дијаболи не носат некоја голема предност, но во областа на рекреативното стрелаштво, тие се револуција и гарантираат дека сите оние кои претходно пукале во лименки и шишиња, сега ќе почнат на стрелиштата да довлечкуваат шофершајбни, крила од сто кец и слични масивни објекти кои ќе бидат предмет на „деструкција„. Сума сумарум: еден тон забава и задоволство, помножено со 200 за само 240 денари.

 

GAMO Match 7.5 grain / GAMO ProMatch 7.71 grain cal 4.5 mm

Овие дијаболи ги тестиравме со неколку пиштоли. Најпрво со оние за кои се произведени: Gamo PR-45 и неговиот посериозен брат близнак – Gamo Compact. Всушност се работи за истиот пиштол помеѓу кои се разликуваат „само„ рачката и врвот на окинувачот (системот на окинување е ист). Тоа „само„ сепак знае да донесе за нијанса повисок резултат. Она што нас не интересираше во овој случај, беше дали со прочуените H&N Finale Match ќе постигнеме подобар резултат на 10 метри, отколку со оригиналните Gamo дијаболи. За таа цел во истражувањето го вклучивме нашиот нов член Емануил Муратовски, кој своите стрелачки активности до тој момент ги беше сконцентрирал повеќе на пиштол. Никој од нас не забележа битна разлика во резултатите со различни типови на дијаболи. Следно што се обидовме беше да ги тестираме дијаболите со врвните спортски воздушни пиштоли од олимписка класа, како Feinwerkbau, Hammerli и Steyer. На помош го повикавме нашиот пријател Виктор, кој е врвен спортски стрелец кој редовно се натпреварува во дисциплината пиштол. Тој ги оцени Gamo дијаболите како сосема во ред и не забележа разлика во својот ионака добар резултат.

 

* * * * * * * * * * * * * * * * * * *

 

Не веруваме дека било кој би се осмелил да ги употребува Gamo дијаболите на врвен спортски натпревар, колку и тие да покажат добри резултати. Во светот на спортот некои брендови длабоко ги имаат втапкано своите траги. Најтипичен пример во спортското стрелаштво е H&N. Иако праксата покажала дека во некои случаи одредени брендови се подобри (како во случајот на нашето истражување – кога JSB беа најдобри, а H&N дури најлоши), востановената пракса и навиките секогаш имаат приоритет над новитетите. Факт е дека на сите важни меѓународни натпревари се користат H&N дијаболи, но прашање е кој ќе биде првиот храбар, кој ќе го пробие мразот и ќе премине не друг бренд. Губењето на титулата е сепак преголем ризик за видот на спортисти кои во таа титула ја гледаат смислата на своето постоење. Затоа пак недопрената мистична дразба на новитетите се рајска градина за спортистите рекреативци, а особено оние кои смислата на спортот ја наоѓаат во експериментирањето. Во КСС Грифон владее дух дека промената е основната движечка сила на духовниот развој, а кога духот е здрав и телото е здраво. Затоа и експериментот е основниот чекор на кој членовите постојано се навраќаат независно од тоа до каде стигнале на својот индивидуален пат.

 

И најдолгиот пат почнува со еден единствен чекор, а експериментирањето е добра одскочна даска, која може да се постави било каде на тој пат. Зарем не би било тогаш најдобро да ја поставиме на самиот почеток?

 

... во следното издание:

1)      Тестирање на терминалната балистика на сите расположиви дијаболи. За таа цел фрижидерот на КСС Грифон се полни со „цигли„ балистички желатин што го чекаат првиот слободен викенд да настапат на квази-аудицијата за Myth Busters;

2)      Избор на мети за Field Target. Истражувањата бараат екипата да се прошири со машинци. Во работата се вклучуваат Јован Попов, машински инжинер и Емануил Муратовски – инжинер по општа пракса во домаќинството. Од неколкуте обиди на Јован да направи домашна верзија на мета за FT и многуте часови изживување и забава со истите, севкупното членство одлучи дека многу е поевтино и посигурно да се купат најоригиналните на свет мети на англиската фирма Nockover отколку да се губи време и пари на зафрканции. Треба само уште да се соберат пари за нивно купување...


                                                                                                                                      
Дамјан Богдановски

   
 
p
  Copyright © 2009 - Клуб за спортско стрелаштво ГРИФОН, Скопје, Македонија
Ваш Коментар | Дома  
p
p